Иванов денеска во Струга и Ресен, Пендаровски во Кочанско, Халими во Слатино, Поповски во Гостивар

25.03.2014 13:58

Изборната кампања започна вчера и ќе трае дваесет дена. Претседателските избори се закажани за 13 април...

Кандидатите за претседател на Република Македонија и партиите што ги поддржуваат денеска ја продолжуваат предизборната кампања со митинзи и средби со граѓани во повеќе градови и населени места.
 
Во Струга и Ресен на митинзи својата платформа ќе ја претстави претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов. Средби со граѓаните тој денеска ќе има во Вевчани и во селата Лабуништа и Октиси.
 
Во Кочани митинг ќе одржи СДСМ, а нивниот кандидат Стево Пендаровски ќе се сретне со граѓаните на Зрновци, Чешиново/Облешево и на Виница.
 
ДПА ќе има централен митинг во тетовско Слатино, каде што својата програма ќе ја претстави претседателскиот кандидат Илијаз Халими.  
 
Во Гостивар митинг ќе одржи партијата ГРОМ. Нивниот кандидат Зоран Поповски ќе има средби и со граѓаните на Тетово и на село Теарце.
 
Демократската унија за интеграција во рамки на нивната кампања „Не за едностран претседател“ ќе одржи средби со жителите на општините Сарај, Карпош и Студеничане.
 
Изборната кампања започна вчера и ќе трае дваесет дена. Претседателските избори се закажани за 13 април.