Од денеска вакцинација без закажан термин
Почнува масовната имунизација на населението без закажан термин. Од денеска и теренска вакцинација во повеќе населени места во земјава. Со „Фајзер“ ќе се вакцинираат и младите од 12 до 16 години...

Од денеска почнува масовната имунизација на населението без претходно закажан термин. Граѓаните првата доза вакцина против Ковид- 19 можат да ја примат во здравствените домови, болниците или во поликлиниките низ градовите во земјава, во веќе постоечките вакцинални пунктови. Во спортските сали ќе се врши само ревакцинација, односно ќе се боцкаат само оние граѓани кои треба да ја примаат втората доза од вакцината.
Во Скопје, вакцинација без закажан термин ќе има во поликлиниките Јане Сандански, Букурешт и во Чаир, а се отвора и нов вакцинален пункт во поликлиниката Шуто Оризари.
Од денеска почнува и теренската имунизација на населението низ земјава. Вакцинирањето ќе се одвива во повеќе населени места, а во соработка со здравствените домови од секој град, локална самоуправа и месните заедници.
Од денеска со вакцината „Фајзер“ може да се вакцинираат и младите од 12 до 16 годишна возраст. Микробиологот д-р Пановски за МРТ уште еднаш укажа дека вакцинацијата на населението е неопходна во справувањето со епидемијата. Вели дека е потребна и поинтензивна кампања за имунизација.
Инаку, досега се аплицирани 662.372 дози, ревакцинирани се 245.231 граѓанин. А, во вчерашната ковид- статистика се регистриани 14 новозаболени од направени 2.876 тестирања. Од нив осуммина се од Тетово, тројца од Гостивар, двајца од Скопје и еден од Струга. Двајца пациенти од Скопје оздрвеле. Нема починати.
Од почетокот на епидемијата се дијагностицирани 155.797 заразени од Сарс-ков-2 вирусот, оздравеле 150.126, а починати се 5.487. Има 184 активни случаи.
