Православните христијани го слават Петровден, спомен на светите Петар и Павле
Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите. Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос.

Денеска православните христијани го одбележуваат празникот Петровден, денот посветен на светите апостоли Петар и Павле. Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите. Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос.
Во сите православни храмови во земјава се одржува света литургија. Свети Петар бил еден од првите апостоли на Исус Хрустос. Неговото прво име било Симон, но Исус го прекрстил во Петар, што во превод значи карпа, сакајќи да потенцира оти исусовата црква ќе биде изградена врз верата на Петар која што била цврста како камен.
Светото Предание наведува дека по примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконите, светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.
