Жетвата почна без откупна цена на пченицата
Почна жетвата на пченицата, но без точно понудена откупна цена од мелничарите. Според пресметките на фармерите во зависност од регионите таа траба да чини од 9 до 12 денари за килограм. Квалитетот засега е добар, а најголем проблем прави променливото време со наизменични сушни периоди и силни дождови...

Почна жетвата на пченицата, но откупот е неизвесен. Мелничарите нудат цени кои според нив се реални, и во зависност од квалитетот се движат од 8,5 до 10 денари за килограм.
Земјоделците пак велат, ова за нив ќе значи загуба и бараат најмалку 12 или 14 денари.
Според ресорното министерство, цените на житото на берзите во светот и регионот растат, што би требало да се влијае и на нашиот пазар, односно земјоделците да добијат подобри откупни цени. Од ресорот појаснуваат дека се во постојана комуникација и со двете страни и се надеваат дека ќе се постигне договор во интерес и на производителите и на откупувачите.
Последните податоците од теренот покажуваат дека обработливата површина под пченица во 2021 година изнесува околу 79.000 хектари, што е зголемување за скоро 7 проценти во однос на лани.
Оваа година, се очекува и просечен принос од 3.200 до 3.500 килограми по хектар или вкупен род од околу 260.000 тони пченица.
Освен неизвесноста со откупните цени за голем проблем со кои се соочувуваат, поледелците и годинава ги посочуваат климатските промени и брзите температурни разлики со што се губи квалитетот на зрното, а се причина за појава на болести и на штетници.
Методија Трајков
