ФЕИТ ќе соработува со Националниот оператор на пазарот на електрична енергија
Според деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски соработката претставува можност студентите да се стекнат со практично образование во уште една институција, односно двете институции да соработуваат на развој на многу проекти.

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО потпишаа меморандум за соработка со кој се предвидува заеденички да соработуваат во развојно-истражувачки проекти и при изработка на магистерски трудови, заеднички да работат на апликативни проекти, да имаат консултативни активности, студентска пракса и разни предавања, како и да има соработка на експерти и професионални тимови и заеднички да организираат семинари и други настани.
Според деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски соработката претставува можност студентите да се стекнат со практично образование во уште една институција, односно двете институции да соработуваат на развој на многу проекти.
Како Факултет продолжуваме со потпишување нови меморандуми кои ќе овозможат нови аспекти во студирањето на студентите и можности за професорскиот кадар. Ова е можност нашите студенти да научат како функционира пазарот на електрична енергија, како се дефинираат цени и други економски параметри. Ова е само прв чекор во нашата соработка, која се повеќе ќе се продлабочува, рече Ташковски по потпишување на меморанудмот за соработка.
Управителот на МЕМО, Симон Шутиноски рече дека е задоволен што ја започнуваат соработката со ФЕИТ.
Како МЕМО ќе помогнеме при создавање и унапредување на идните кадри во областа на електро-енергетиката. Преку оваа соработка се отвора можност сите заинтересирани студенти на ФЕИТ да се стекнат со практично знаење и од прва рака, да се запознаат со функционирањето на пазарот на електрична енергија во земјава, а во блиска иднина и со берзата на електрична енергија, кои се во оперативна надлежност на МЕМО. Очекуваме зацврстување и продлабочување на меѓусебната соработка преку заеднички проекти од областа на електротехниката и информациските технологии, пред сè, развојно-истражувачки и други апликативни проекти кои ќе бидат од заеднички интерес и ќе придонесат за развој и унапредување на двете страни, истакна Шутиноски.
