Четири милиони евра капитални инвестиции за развој на Охрид

25.03.2014 14:36

Проектите веќе се разгледани од стручен тим на Министерството за финансии и испратени се во Светска банка на разгледување...

Десетина капитални проекти ќе почнат летово да се реализираат во општина Охрид. Вкупната инвестиција е над 4 милиони евра, најави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при денешната посета на Охрид, јави МИА.
 
Ставревски додаде дека во натамошниот период ќе продолжи соработката со Општината преку реализација на директни проекти од прорамата на централната власт за наредните четири години.
 
„Десетина проекти ќе бидат реализирани од Владата, преку позајмицата што ќе ја дадеме. Долгорочно, со оглед на тоа што парите нема да мора да се враќаат во првите неколку години, тоа ќе овозможи Општината да застане на здрави нозе, за да може да учествува во отплатата на обврските. Оценивме дека е остварен доволен напредок во управувањето со јавните финансии во Општината, за и ние да влеземе со дополнителни средства од над четири милиони евра“, истакна Ставревски. 
 
Проектите веќе се разгледани од стручен тим на Министерството за финансии и испратени се во Светска банка на разгледување.
 
Се работи за капитални проекти чија реализација на дел од нив ќе почне уште летово. Станува збор за проекти што се од најсуштествена потреба на населението, како водоводи, канализација, улици, патишта, реновирање училишта и сите проекти што ќе бидат финансирани од Владата ќе бидат за тие потреби, додаде Ставревски.