Македонија и Aлбанија заеднички ќе се грижат за културното и природното наследство
Министерките за култура на Македонија и на Албанија денеска во Охрид потпишаа изјава за македонско-албанска соработка за заштита на охридскиот регион за да се сочува статусот во УНЕСКО. Со тоа двете држави се обврзаа за заедничко управување со споделеното културно и природно наследство. Министерката Ирена Стефоска не е задоволна од начинот на кој надлежните органи се справуваат со проблемите кои ја отворија можноста охридскиот регион да се најде на листата на светски културни наследства во опасност...
Поради тоа што со децении не се работело, а особено во одреден период, што за никого не е алиби, пропустите и неделувањето сега на сите ни се удира од глава. Ова во Охрид го рече министерката за култура Ирена Стефоска одговараќи на новинарско прашање дали некој треба да понесе одговорност заради можноста охридскиот регион да се најде на Листата на светски наследства во опасност. При тоа, таа нагласи дека секој од нас кога е на позиција во хиерархијата на управувањето треба да понесе одговорност и сите заедно треба да работиме на заштитата.
„Не , не сум задоволна и не сме задоволни и од локалната власт и како претставничка на централната власт еве ви кажувам од работата на институциите и на централно и на локално ниво, нема што да кријам. Апелирам секој да го понесе својот дел од одговорноста“, изјави министерката за култура, Стефоска.
„Што доколку се најдеме на Листата светски наследства во опасност? Тоа е доказ дека не сме успеале до крај да ги завршиме работите. Тоа е резултат на долги години би рекол непосветеност на заштитата на природното и културното наследство. Меѓутоа тоа не е крај на светот, тоа е нешто што ќе ни укаже дека понатаму мораме поинтензивно да работиме“, вели Зоран Павлов- претседател на Комисијата за управување со културно и природно наследство.
Инаку министерките за култура на нашата земја и Албанија денеска во име на Националните комисии на УНЕСКО, потпишаа изјава со која двете држави се обврзуваат заеднички да работат на отстранување на сите наследени и тековни предизвици кои се дел од препораките на УНЕСКО.
„Поради пандемијата не бевме премногу ангажирани за решавање на проблемите и заштитата на богатствата во регионот. Поради тоа со задоволство го потпишав денешниот билатерален договор кој се надевам ќе ни ги отвори вратите за подобра соработка во иднина“, изјави Елва Маргарити, министерка за култура на Р. Албанија.
„Ние како министерство веќе работиме на ревалоризација на природните вредности на охридскиот регион и Охридското Езеро и го имаме првиот Нацрт на новото зонирање со помош на експертите на меѓународната унија за конзервација. Тоа е основа за прогласувањето на Охридското Езеро како споменик на природата“, нагласи Насер Нуредини, министер за животна средина.
Колку нашата држава направила во однос на препораките на УНЕСКО и дали Охридскиот регион ќе се најде на Листата на светски наследства во опасност ќе се знае по 16 -ти јули кога заседава Комисијата на оваа светска организација.
Сашо Нелоски
