Хавана

Масовни протести на Куба, се бара оставка од претседателот Дијаз- Канел

12.07.2021 14:51

Светските агенции пипшуваат ова се најголемите антивладини протести во комунистичката земја во последните неколку децении. Претседателот разговараше со луѓето што се соочија со него.

Илјадници кубанци излегоа на улиците низ целата земја со барање за оставка од претседателот Мигел Дијаз-Канел. Светските агенции пипшуваат ова се најголемите антивладини протести во комунистичката земја во последните неколку децении. Претседателот разговараше со луѓето што се соочија со него.

„Сето ова е направено за да се дискредитира, демонтира и да се испровоцира. Дојдовме овде да им кажеме на револуционерите во овој град дека улицата им припаѓа на револуционерите. Ќе го примениме револуционерниот закон што ја штити оваа револуција, ќе им се спротивставиме“, изјави Мигел Дијаз-Канел, претседател на Куба.

Лидерот на кубанската комунистичка партија за протестите ги обвини САД, кои во изминатите години го засилија повеќедецениското трговско ембарго.

„Ако сакате на кубанскиот народ да му биде подобро, укинете ја блокадата. Вие не ми кажувате дека тоа е неефикасна влада, брутална влада или диктатура. Која е диктатурата во Куба?“ – рече Канел.

Демонстрации беа одржани и во други делови на островот, како на пример во малото гратче Сан Антонио де лос Бањос, каде група луѓе протестираа поради прекините на струјата. Протестите се случуваат во екот на најтешката економска криза од распадот на Советскиот сојуз, поранешен сојузник на Куба. Луѓето го креваат гласот поради недостиг на храна, кршење на граѓанските слободи и начинот на кој владата се бори против пандемијата.

„Вакцините се она што ни треба, за да се вакцинираат, тоа е она што ни треба“.

„Имаме многу болни луѓе“.

„Немам со што да готвам, вчера имаше проблеми со струјата повеќе од дваесет пати“.

Кубанскиот претседател предупреди дека нема да се толерираат нови провокации, и ги повика неговите приврзаници да им се спротивстават на ваквите провокации.

 

Марина Ристова