Регион

Продолжува неизвесноста по изборите во Бугарија

12.07.2021 15:50

ГЕРБ на Борисов е со минимално водство пред „Има таков народ“ на Трифунов. Телевизискиот шоумен најавува формирање екпертска влада. И по новите парламентарни избори во Бугарија неизвесноста продолжува...

Лидерот на партијата „Има таков народ“, ТВ новинарот и шоумен Слави Трифунов, кој според Државната изборна комисија освои 23,7 насто од гласовите, веднаш по партијата ГЕРБ на Борисов со 23,9 проценти, за бугарскиот национален сервис најави дека сами тие ќе го формираат составот на кабинетот на новата влада, без коалиција. Трифунов, за премиер го номинираше Николај Василев, за министер за надворешни дипломатот Ради Најденов.

Претставувајќи ги приоритетите за работа, Трифунов говорејќи мегудругото, симболично и за вселенската програма, излезе со необичен предлог.

„Ќе направам сѐ што можам да испратам маж и жена, да бидат првите бугарски астронаути во НАСА. Ќе направам сѐ што можам ним да им се придружи и еден северномакедонски космонаут. За да не гледаме долу во Земја од срам, туку да почнеме да гледаме горе кон ѕвездите“, нагласи Трифунов.

До четврток, кога Државната изборна комисија и официјално треба да ги соопшти конечните резултати, дел од аналитичарите се со мислење дека, и ако бидат потврдени, шансите на ГЕРБ за формирање владејачка коалиција се мали. Партијата на Борисов беше водечката партија на изборите во април, освојувајќи 26,2 проценти, но другите партии не сакаа да коалицираат со Борисов.

„Има таков народ“ според јавното мислење и натаму е подобро позиционирана од ГЕРБ и ужива поддршка од своите партнери. Според бугарските медиуми, во бугарското собрание, според освоените резултати би влегле претставници на шест политички партии, меѓу кои Социјалистичката партија, Демократска Бугарија, како и помалите партии Стоп на Мафијата, како и Партијата на бугарските турци.

 

Мирјана Василева