Три бесплатни претстави во „Драмски“ за Светскиот ден на театарот
Меѓу претставите театарот организира и дружење со публиката, разговори за театарот, музика во фоајето...

Со цел одбележување на Светскиот ден на театарот, Драмски театар- Скопје задутре ќе им овозможи на љубителите на театарската уметност три бесплатни претстави - „Последните Македонци“ од 12 часот, „Чија си“ од 18 часот и „Огнени јазици“ од 21 часот.
Меѓу претставите театарот организира и дружење со публиката, разговори за театарот, музика во фоајето, изложби и штанд со книги од „Матица“.
„Драмски ќе ги отвори вратите за својата ценета публика и ќе имаме целодневно театарско дружење. Билетите се бесплатни зашто сакаме да ја почестиме публиката на Светскиот ден на театарот“, изјави Роберт Велјановски, директор на ДТС.
Велјановски нагласи сите претстави од нивниот репертоар заслужуваат да се играат на денот на театарот, но овие три се избрани за да нема поклопување на актери од една во следна претстава и зашто сценско-технолошки најбрзо се подготвуваат.
