Ковид-19

СЗО: Мешањето вакцини е опасно, делта сојот забрзано се шири

13.07.2021 13:03

Светската здравствена организација не советува мешање на вакцините оти нема доволно податоци за примање на трета доза вакцина. Забележано е ширење на пандемијата во светски рамки со делта сојот. Од СЗО апелираат дека за сузбивање на пандемијата потребно е да се вакцинира населението и во држави кои немаат доволно вакцини...

Светска здравствена организација предупреди дека мешањето на вакцини против Ковид-19 е опасно оти не е истражено дали и какви ефекти би имало врз здравјето на луѓето. Ова следи по најавата на некои држави за имунизација на населението и со трета доза вакцина.

„Постои намера во некои држави со доволен број на вакцини за доброволно примање на трета доза на иста или друга вакцина против Ковид-19. Има ограничени податоци за мешање на вакцините. Можеби ова ќе биде добар пристап во иднина, но засега имаме информации само за примање на вакцината Фајзер по Астра Зенека. Би било хаотично ако граѓаните почнат сами да одлучуваат кога и кој ќе треба да прими втора, трета или четврта доза вакцина“, смета Соумја Сваминатан, главен научник на СЗО.

Вакцинирање со трета доза вакцина се отвори по појавата на зголемен број на случаи кај вакцинирани во Израел, Шпанија и Португалија. Делта сојот се шири, особено кај помладата популациј под 30 години.

„Четврта по ред недела се зголемува бројот на заразени во светот по 10 седмици опаѓање. Континуирано примаме извештаи од сите регионот во светот за зголемен број на случаи на новозаразени. Делта сојот многу брзо се шири во светот предизвикувајќи раст за новозаболените и смртните случаи. Делта сојот е доминантен во 104 држави и наскоро ќе биде најаспространет“, изјави Тедрос Адханон Гебрејесус- генерален директор на СЗО.

Светската здравствен организација посочува дека најдобра заштита од ширење на пандемијата е масовно вакцинирање на населението и избегнување на поголеми настани и групирање. Според СЗО, вакцинираните со одобрените вакцини против коронавирусот сѐ уште се подложни на зараза, но со помала можност за болнично лекување и смрт. Затоа од светската здравствена организација апелираат дека за сузбивање на мутациите на вирусот е потребно вакцините да им бидат достапни и на државите кои ги немаат, особено посиромашните.

 

Ирина Гелевска