Партиите ги кројат листите за градоначалници и советници
На три месеци пред локални избори, се кројат листите на кандидати за градоначалници. СДСМ вечер на Извршен одбор ќе ги потврди првите 20 имиња што ќе го трчаат кругот за први луѓе на општините. ВМРО- ДПМНЕ сѐ уште не обелоденува најави, средината на овој месец ќе открие дел од фаворитите. Извесно е дека до крајот на август ќе се знаат претендетите за градоначалничката фотелја...

На три месеци пред локалните, партиите веќе ги кројат листите за градоначалници и советници. Социјалдемократите вечер ќе ги објават првите 20 кандидати. Имињата треба да бидат потврдени на седницата на Извршниот одбор. Перо Костадинов е првиот официјален кандидат на владејачката партија за Валандово.
Според информациите, во политиката се враќа поранешниот пратеник и гласноговорник на СДСМ, Емилијан Станковиќ, како кандидат за градоначалник на Центар, заедно со актулениот Саша Богдановиќ и директорката на инфективната, Милена Стефановиќ. Во Карпош претенденти се актуелниот Стефан Богоев и директорот на „Водовод и канализација“, Душко Весковски. За Прилеп најсериозни кандидати се Горан Сугарески, кој се повлече од директорската функција во Царина и актуелниот прв човек на општината Илија Јованоски.
Во Битола пак, тројца потенцијални кандидати, актуелната Наташа Петровска, директорот на ЕЛЕМ, Васко Ковачевски и партискиот активист Христо Кондовски. Извесно е дека за Струмица, Куманово, Карпош и Центар ќе се носи одлука во последната фаза.
Во ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште без конкретни информации за имињата. Лидерот Мицкоски неодамна најави дека до средината на месецов ќе бидат објавени 15-на кандидати.
Кај интегративците пак, сѐ поизвесно е дека кандидат за Гостивар ќе биде Невзат Бејта, а во Тетово, Теута Арифи. Копјата се кршат за Чаир, а неизвесна е и кандидатурата на Мерко.
Кај Алијанса за Албанците пак, засега познато е дека Арбен Таравари ќе бара уште мандат во Гостивар.
Речиси сите партии најавија дека имињата ќе ги објавуваат во фази. Поизвесно кој со кого ќе трча на локалните ќе биде кон крајот на август.
Миле Ристески
