Ковид-19

Имунизацијата се одвива без проблеми, нема турканици и подолги чекања

13.07.2021 14:12

За три часа на вакциналниот пункт во Поликлиниката „Јане Сандански“ вакцинирани се 300 граѓани без закажан термин. За разлика од првиот ден, претпладнево го нема метежот. Имунизацијата се одвива без проблеми. Преку системот се закажува и за деца до 16 години, која ќе почне в петок...

Нема турканици и подолги чекања пред поликлиниката „Јане Сандански“. Вакцинацијата со прва доза „Синовак“ се врши надвор, на отворено. Граѓаните сакаат подготвени да го дочекаат се поизвесниот нов ковид бран.

На оваа Поликлиника, на првиот ден од масовната вакцинација без закажување поминале речиси 1.000 граѓани. Околу 650 граѓани примиле прва доза.

За разлика оттука, во Поликлиниката „Букурешт“, пред скалите турканица, но, ни налик на онаа од претходниот ден.

Тука доаѓаат граѓаните за ревакцина и за вакцина. Некои велат дека чекале 15-тина минути за вакцина, други пак, дека чекале многу повеќе. За ревакцина оди многу побрзо бидејќи граѓаните доаѓаат според закажаниот термин.

На сајтот „вакцинација.мк“ може да аплицираат сите кои сакаат нивното дете од 12 до 16 години да прими вакцина на „Фајзер“.

Од Министерството за здравство велат 56% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, речиси половина од оние над 60 години се покриени.

Процесот на теренска вакцинација се одвива во цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.

Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите.

Наташа Јанчиќ Менковски