Собрание

Продолжува амандманската расправа за ребалансот на буџетот

13.07.2021 15:34

Во фокус предлогот на опозицијата за дополнителни 307,5 милиони денари за подршка на текстилните и кожарските работници од источниот дел на земјава.

Втор ден амандманска расправа за ребалансот на државната каса, за поднесените 222 амандмани, од кои 153 се на ВМРО-ДПМНЕ. Во фокус предлогот на опозицијата за дополнителни 307,5 милиони денари за подршка на текстилните и кожарските работници од источниот дел на земјава.

„Еве да немаме суета. Јас ќе ве пофалам повторно на говорница само прифатете го предлогот на опозицијата. Вие ќе ги соберете поените. Вие ќе ги носите поените дека сте дале поддршка на овие 30 илјади работници во текстилната и кожарската индустрија“, рече Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ваков амандман апсолутно не може да помине. Вака директно да се исплаќа на работник плата, да не оди преку платниот промет, преку работодавец, апсолутно не држи место и амандманот вака не може да го прифатиме“, изјави Коле Чаракчиев од СДСМ.

Заменик министерот за финансии не го прифати амандманот на опозицијата и истовремено ги отфрли нејзините обвинувања дека во буџетот има планирани пари за изборен поткуп.

„Има држави каде што е исплатена државна помош, како на пример во Србија и каде што остана иста Влада и имаме држава каде што е исплатена помош, во која нема Влада, односно соседна Бугарија. Има избори, но има нерешен резултат. Со тоа сметам дека таа теза не држи, може како политичка изјава на опозицијата, но јас сметам дека тоа емпириски докажано не држи“, изјави заменик министерот за финансии, Димитар Ковачевски.

Остануваат уште три дена до завршување на расправата околу ребалансот, без оглед колку амандмани ќе бидат разгледани дотогаш. Десеттиот ден расправата завршува и матичната комисија го испраќа извештајот за работата до Владата, која има рок од три дена ребалансот да го врати до Собранието со вградените прифатени амандмани.

 

Свето Николовски