Во функција сите оддели во кумановската болница, хирурзите се вратија во салите
Се стабилизира состојбата во кумановската болница. Во функција се сите оддели и амбуланти, а хирурзите се вратија во салите. Дел од здравствените работници по две години почнаа да користат и годишни одмори. На инфективниот оддел е хоспитализиран само еден пациент позитивен на Ковид- 19.

Значајно е намален бројот на новозаболени од ковид 19 во Куманово. Од кумановската болницата потврдуваат дека состојбата се враќа во нормала. На инфективниот оддел е хоспитализиран само еден пациент позитивен на корона вирусот. На сите останати одделенија и амбуланти редовно се примаат пациентите. И хирурзите веќе се вратени во салите.
„Хируршките гранки функционираат, операциите почнаа, интерното одделние има пациенти со различни патологии и пост ковид компликации кои се јавиле, хронично болни, пореметувања на коагулација на крвата и слично сите оддели се враќаат во нормала“, посочи директорката на кумановската болница, Снежана Захариева.
Модуларната болница од минатиот месец е затворена. Новите случаи се примаат на инфективниот оддел. Од болницата се надеваат дека ваквата епидемиолошка состојба ќе продолжи и во наредниот период.
„Треба да бидеме претпазливи, да ставиме фокус на масовна вакцинација и на помладите категории, кои поминуваат со полесна клиничка слика, но од друга страна вршат трансмисија на ризичните групи на пациенти“, дополнува Захариева.
Дел од здравствените работници од кумановската болница, по две години можат да користат и годишен одмор.
Од почетокот на пандемијата Куманово беше меѓу градовите со најголем број заболени од ковид 19. Согласно податоците односно табелата на Министерството за здравство, градот се наоѓа веднаш зад Скопје, со бројка од околу 9.000 вкупно заболени.
Во Кумново активни на вирусот во моментов се 11 лица.
Елена Георгиевска
