Во Велес одбележани 70 години од смртта на Панко Брашнаров
Панко Брашнаров на денешен ден пред 70 години почина на Голи Оток. Тој го отвори првото заседание на АСНОМ, а десет години од животот мина во српски, бугарски, југословенски затвори. Неговите посмртни остатоци не може да се донесат во Велес оти се во заедничка гробница со други починати...

Во родниот Велес, се одбележаа 70 години од смртта на Панко Брашнав, првиот претседавач на првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944-та година. Кај велешани познат како „народниот учител“, Брашнаров е сведок на двата Илиндени. Повеќе од десет години минал во бугарски, српски и југословенски затвори.
Панко Брашнаров бил македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото е уапсен и испратен на Голи Оток, каде умира како најстариот затвореник. Ги заборавил личните задоволства и семејната среќа, пред желбата за слобода и човечко достоинство.
Посмртните останки на Панко Брашнаров се наоѓаат на гробиштата Мирогој во Загреб, Хрватска. Но, не е можно да се изврши нивен пренос во родниот Велес , бидејќи се во заедничка гробница, заедно со голем број погребани.
Петар Печков
