Политика

Заев: Проблемот со Бугарија е билатерален, чекаме во Софија да се формира политичка влада

13.07.2021 15:52

Проблемот со Бугарија е билатерален, чекаме во Софија да се формира политичка влада за да продолжат разговорите меѓу двете земји и спроведувањето на патоказот. Премиерот Заев со коментар по изборите кај источниот сосед. Открива - ако уставното име не стои во резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, нема да ја поддржат...

Ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик, и се работи за незнаење, му одговори премиерот на лидерот на „Има таков народ“ Трифонов, кој не нарече славомакедонци. Заев очекува Бугарија да формира политичка влада и да продолжи дијалогот во духот на добрососедството, бидејќи вели, прашањата се решаваат билатерално.

На прашањето, дали власта нема да ја поддржи резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ доколку не биде усогласена со Уставот со новото име, Заев категоричен-во Резолуцијата треба да стои Северна Македонија. Премиерот нагласи и дека името  е Република Северна Македонија, а не Република С. Македонија. За тоа на референдум се изјасни мнозинството граѓани, а парламентот донесе одлуката за ново уставно име. Заев предупреди дека законот предвидува казни за непочитувачите на Уставот.

СДСМ ја прифати Резолуцијата каква што е, не гледаме причина зошто сега се бараат измени, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Повеќето од партиите ја прифатија и не гледаме причина зошто сега Зоран Заев бара некакви усогласувања и измени, сметаат од опозициската партија. Се уште е неизвесно кога спикерот Џафери ќе ја стави предлог-резолуцијата на дневен ред.

 

Милчо Велески