Охридскиот народен театар со „Крик за љубов“ вечер на „Охридско лето“
Улогите во претставата „Крик за љубов“ ги толкуваат Адријана Тодороска, Никола Тодороски, Ивица Цонев, Горан Стојаноски...

Народниот театар од Охрид вечер ќе настапи на „Охридско лето“ со претставата „Крик за љубов“- комедија на карактери и љубовна приказна со романтичен крај. Текстот обработува две доминантни теми – театарот и љубовта.
Режисерот на претставата Љупчо Ѓоргиевски, појаснува дека во неа двајца актери, поранешни сопружници, се ангажирани во претстава да играат ликови на исто така двајца поранешни сопружници. Накратко, тоа е претстава за она што се случува пред претставата, односно за време на процесот на подготовка на една претстава, од распределбата на улогите, преку првата проба до пробата со костими и премиерата.
Улогите во претставата „Крик за љубов“ ги толкуваат Адријана Тодороска, Никола Тодороски, Ивица Цонев, Горан Стојаноски. Претставата ќе се игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
