Табановце

Поделени над 30.000 картички за бесплатна патарина

14.07.2021 14:13

Цариниците од граничниот премин Табановце досега поделиле над 30 илјади картички за бесплатна патарина на српските државјани кои транзитираат низ Македонија. Одлуката за бесплатни патарини, која е во знак на благодарност кон Србија за донираните вакцини, ќе трае до 15-ти август. Овој премин денеска го посети првиот човек на македонската полиција, кој најави и унапредување на системот One stop shop.

Над 30 илјади картички за бесплатни патарини досега се поделени на српските државјани кои транзитираат низ земјава. Картичките од 15-ти јуни, се делат од граничниот премин Табановце, во знак на благодарност до Република Србија, за вакцинацијата на македонските граѓани. Србите кои влегуваа во земјава, за Mакедонската телевизија истакна дека се задоволни од одлуката, да се ослободат од плаќање патарина.

„Цариниците се за пофалба, ни објаснија и ни дадоа картичка за бесплатна патарина“, вели еден патник од Србија.

„Патувам кон Грција, ни дадоа картичка, задоволни сме што можеме да патуваме бесплатно“- дополнува друг.

„Добив  картичка и сум задоволен, ви благодарам“- нагласува трет.

Одлуката за бесплатни патарини за српски државјани ќе трае до 15-ти август.

„Секој што поминува ја добива оваа картичка тоа е еден добар гест на пријателство и соработка помеѓу двете земји“- нагласи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Првиот човек на македонската полиција се осврна и на проблемот со системот One stop shop, кој не функционира, нагласувајќи дека системот ќе се врати но и унапреди.

„Овој договор предвидува контрола и на македонската и на српската полиција. Се прават анализи за да може да се воспостави правна рамка за да има само една контрола на излез и на влез. Во оваа прва фаза има подобрување, но не е она што можеме до крај да го очекуваме“-дополни Спасовски.

Спасовски информираше дека за ваков проект се разговара и со другите држави од опкружувањето со цел во регионот да има подобро движење.

 

Елена Георгиевска