Политика

ВМРО-ДПМНЕ: Нема простор за пазарење со националните интереси

14.07.2021 15:15

ВМРО-ДПМНЕ останува на концептот за единство меѓу партиите за изгласување на резолуцијата за македонските црвени линии. Од опозициската партија децидни, нема простор за пазарење со националните интереси...

ВМРО-ДПМНЕ понуди резолуција за единство, СДСМ бара причина за разединување. Не би сакале да веруваме дека со одлуката на СДСМ се остава простор за пазарење со националните и државните интереси од највисок интерес, идентитетот, јазикот и националната засебност на македонскиот народ, коментираат во ВМРО- ДПМНЕ.

Реакцијата доаѓа откако премиерот Заев посочи дека нема прифаќање на резолуцијата ако во документот не стои уставното име на државата. Целта не е да се поткопаат позициите на Република Македонија, туку да се помогне во насока на заштита на националните интереси. Токму оваа резолуција нуди компромисна содржина позади која може цврсто да се обедини целата македонска нација, порача Муцунски.

Реагираа од владејачката СДСМ. Дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја предлагаат резолуцијата за да се усвои или за да заглави во формални процедури заради нивниот лажен патриотизам. Македонските државни позиции се силни и јасни, но ќе бидат уште посилни ако ВМРО-ДПМНЕ го прифати Договорот од Преспа кој овозможи Северна Македонија да стане полноправна членка на НАТО, со меѓународно потврдени македонски јазик и македонски идентитет, велат Социјалдемократите.

 

Миле Ристески