Македонија

Јавна расправа за Предлог- законот за инспекциски надзор во животната средина

14.07.2021 16:07

Екологистите и правниците со став- не се нудат механизми за контрола против неодговорно и коруптивно спроведување на инспекцискиот надзор.

Бирократски пристап, недостиг на стандардни оперативни процедури, недефинирани надлежности на државните и на овластените инспектори, се дел од забелешките на јавната расправа за Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина. Екологистите и правниците со став- не се нудат механизми за контрола против неодговорно и коруптивно спроведување на инспекцискиот надзор.

„Стандардни процедури и листи за проверка се дадени како можност, а не како обврска за инспекторите. Сметаме дека треба да бидат апсолутно обврска. Без тоа нема да имаат алатка во рацете инспекторите со којашто ќе излезат на терен и максимално објективно да вршат надзор во животната средина“, изјави Лилјана Поповска, координаторка на Граѓанскиот инспекциски совет.

„Законскиот текст не го препознава Инспекцискиот совет како надредена институција и главните забелешки во однос на предлог-текстот се однесуваат точно на овој дел, овој сегмент, бидејќи преку 15 членови се во директна колизија со рамковниот Закон за инспекциски надзор и практично ќе го направи неспроведлив“, рече Кирил Ристовски, ЦЕД Флорозон.

Забелешките ги слушнаа и надлежните од секторот животна средина. Посочуваат дека тоа што досега е уредено во повеќе закони сега е сублимирано во овој нацрт-текст.

„Има и одредени казнени одредби каде може да се одземе одредена надлежност на градоначалник, тоа е голем исчекор. Има многу работи и прашања кои што сега треба да си ги поставиме себеси во делот на тоа кој што донесува, во кој момент Владата треба да биде одговорна за донесување на некои стратешки документи, кои што нас би ни го олесниле планирањето“, нагласи Ана Петровска, директор на Инспекторат за животна средина.

Нацрт-законот за инспекциски надзор во животната средина беше подготвен уште во 2016-та година. Доцнењето на донесувањето на овој закон континуирано се нотира во извештаите на Европската комисија како негативна забелешка и обврска која не е исполнета.

Сунчица Николоска