Зголемениот број туристи во Охрид ризик за ширење на Ковид-19
Летната туристичка сезона на охридското крајбрежје е во тек, а со зголемувањето на бројот на туристите се отвора можноста од ширење на новите соеви на коронавирусот. Лекарите апелираат да се избегнуваат затворени простори каде што најлесно се шири заразата. Што се однесува до вакцинирањето, тоа во Охрид се одвива без застој и некои поголеми проблеми...

Од наредниот викенд се очекува да започне вистинскиот шпиц на туристичката сезона во Охрид. Најголемиот број од гостите ќе бидат домашни, но ќе допатуваат и туристи од соседните и други европски држави. За туристичкиот сектор тоа ќе значи можност за опстанок, меѓутоа лекарите изразуваат загриженост доколку целосно не се почитуваат мерките за заштита во затворен простор и дистанцирањето поради големата преноисливост на новите соеви на коронавирусот.
„Дефинитивно најголема опасност е затворен простор, забави во затворен простор, свадби, а и греота е во Охрид во летната сезона да одите вие во затворен простор на вакво убаво време кога имаме отворени илјадници објекти. Така што најголема опасност е сигурно затворен простор и непридржување на оние мерки, дистанца“, изјави д-р Горан Балев, директор на Општа болница – Охрид.
Инаку вакцинацијата и ревакцинацијата во охридскиот регион се одвива без никакви пречки. Охрабрува податокот што е голем интересот на граѓаните за имунизација“.
„Ревакцинацијата во салата „Билјанини Извори“ ќе се одвива до петок и нашите граѓани да знаат дека од понеделник-19-ти јули ревакцинацијата ќе се одвива во модуларната болница, а вакцинирањето т. е. нашите граѓани со првата доза ќе се вакцинираат во вакциналниот пункт на Здравствен дом“, изјави д-р Ајсел Зејноска -директор на Здравствен дом – Охрид.
Во истовреме тим на Здравствениот дом врши имунизација на населението во руралните средини и според најавите ќе ги посети сите населени места во околината на Охрид.
Сашо Нелоски
