Инфраструктура

Започнаа градежните активности за реконструкција на најоштетената делница во Тетово

15.07.2021 13:13

Конечно започнаа градежните активности за реконструкција на најоштетената делница во Тетово- „Гоце Делчев“, која ги поврзува старите тетовски населби. Парите се обезбедени од Светска банка, во рамки на проектот поврзување со локални патишта. Но, со реконструкцијата нема да биде опфатена цела улица...

Моментално се изведуваат градежни активности на улицата долж населбата Певчина. Се работи за проект во кој е предвидена и целосна замена на подземната инсталација. Од 1.200 метри колку што е долга улицата, ќе се реконструираат само седумстотини. Делницата која поминува низ населбите Два Бреста и Колтук нема да биде опфатена со проектот. Граѓаните реагираат, велат токму низ нивните мала овој коловоз е најоштетен.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи која со министерот за транспрот и врски Благој Бочварски извршија увид на работите, истакна дека останатиот дел од улицата ќе се реконструира, но во рамки на друг проект на кој допрва ќе се работи, а во кој ќе се земе предвид автентичниот облик на овој дел од коловозот.

Жителите од стариот дел на Тетово десет години добиваа ветувања од надлежните за реконструкција на „Гоце Делчев“. Парите за оваа намена пред неколку години беа и повлечени. На проектот се работеше подолг период, а за него првично се одобрени 15 милиони денари.

 

Зоран Димовски