Образование

Царовска: Заштедените средства училиштата да ги насочат во подобрување на условите за настава

15.07.2021 14:01

Наставата на далечина во оваа училишна година ги намали трошоците во училиштата. Вишокот од планираните средства за режиски трошоци ќе се вложат во модернизирање на просторните и техничките услови во училиштата. Општините ги добија и парите за исплата на прекувремената работа на дел од наставниците...

Блок дотациите кои државата ги префрла на општините за покривање на режиските трошоци во училиштата, а кои оваа година останаа неискористени поради онлајн наставата, ќе се употребат за подобрување на просторните и техничките капацитети во основните и средните училишта. Крајната одлука за пренамена на овие средства ја носи Владата.

Надминат е проблемот со исплата на прекувремените часови на околу 600 настваниците кои држеа физичка настава на ученици поделени во неколку групи. Доколку има наставници кои не се исплатени за прекувремена работа, да се обратат до просветниот и до трудовиот инспекторат.

Министерката Царовска денес беше во Свети Николе, каде во тек е комплетна реконструкција на Ученичкиот дом и на Средното училиште „Кочо Рацин“. Инвестицијата е 25 милиони денари, а очекувањата се дека подобрите услови ќе привлечат повеќе ученици од регионот во земјоделско-ветеринарните и прехранбените насоки.

 

Славица Величковска