Собрание

Пратениците дебатираат за намалување на ДДВ-то на струјата

15.07.2021 14:59

Народните избраници решаваат за намалувањето на ДДВ на струјата. Зелено светло чекаат законските корекции со кои според власта од први јули, со повластената стапка од пет насто ќе поевтини електричната енергија во следните две години. Опозицијат бара да важи и за правните субјекти...

Власта и опозицијата ги судрија концептите во енергетиката дебатирајќи во законодавниот дом, за предлогот за намалувањето на ДДВ-то на струјата за наредните 12 месеци. ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваше СДСМ дека не мислат за фирмите, туку само за граѓаните, додека социјалдемократите возвратија за лошо владеење на сегашната опозиција со енергетскиот сектор и непотребниот увоз на струја.

„Секое локално продавниче, тобако, секоја слаткарница да има пониско ДДВ. Пониско ДДВ за сите потрошувачи на електрична енергија. Жалам што власта не собра храброст да го прифати нашиот амандман со што ќе влијае колку толку на подобрување на ликвидноста на овие стопански субјекти, некои мали, некои големи“, изјави Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не точно дека компаниите со ова се оштетени, затоа што кај нив ова нема ефекти затоа што на компаниите ДДВ им се враќа и не влијае на сегашната пракса на Владата до 30 дена ДДВ да им се враќа“, рече Панчо Минов од СДСМ.

Опозицијата излезе со податоци за раст на бројот на социјално поддржани семејства, зголемување на бројот на невработени, а власта потсети како владеела порано опозицијата.

„Факт е, кажа и заменик- министрот дека нѐ очекува инфлаторен притисок, факт е дека се зголемуваат трошоците за живот, факт е дека граѓаните осиромашуваат. Факт е дека не се намалува, туку вештачки се одржува цената на струјата. Факт е дека нема даночно намалување, туку имаме даночна компензација“, нагласи Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Дали увезувавте енергија и не дозволувавте да се влезе во заедничкиот европски пазар на електрична енергија, нормално тоа не ви беше од интерес, или сакавте само да се лаже и краде“, возврати Коле Чаракчиев од СДСМ.

„Доколку ДДВ за струјата остане 18% државата, од тоа и буџетот инкасираат 56 милиони и 376 илјади евра. Со намалување на ДДВ од 18 на 5% буџетот ќе биде во минус за 40 милиони и 716 илјади евра“, рече Љупчо Прензов од ГРОМ.

Според измените намалувањето на ДДВ-то за струјата од 18 на 5 % ќе важи една година, а потоа во наредните 12 месеци ќе се зголеми на 10 насто, додека од средината на 2023-та ќе се врати стапката од 18%.

 

Свето Николовски