Македонија

ДКСК ќе бара од Пендаровски да не го потпише указот за законот за изградба на три автопати без тендер

16.07.2021 12:42

Антикорупциска со реакција, откако пратениците го изгласаа законот за изградба на три автопати без тендер: Тетово-Гостивар, Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола. Комисијата предупреди дека зделката носи висок ризик од корупција и судир на интереси, ги загрозува владеењето на правото и еднаквата положба на пазарот, и ги суспендира одредбите од Законот за јавни набавки. Комисијата, сите забелешки ќе ги достави до претседателот Пендаровски...

Законот донесен по скратена постапка од Собранието преставува кршење на Уставот и отворање директен пат за коруптивни дејствија, судир на интереси и е тежок удар врз заложбите за борбата против ова зло. Антикорупционерите тврдат дека се работи за политички математики и одредени интереси. Никој не може да биде над Уставот, посочуваат во своето мислење кое ќе достават до Собранието, паралелно со барањето до претседателот на државата да не го потпише указот.

Отворен е простор за субјективизам, арбитрерност и политичко влијание и тргување со моќ и дискреција, при конституирањето на комитетот за преговори, на сметка на стручноста, компететнтноста и професионализмот, вели првата антикорупционерка Ивановска.

Сомнеж за антикорупционерите предизвикува и тоа што компанијата која ќе го реализира проектот веќе изведувала зафати во регионот, проследени со коруптивни скандали. Сметаат дека со ова само ќе се повтори ситуцијата на штетните постапки на претходните власти со „Скопје 2014“ и случајот со „Синохидро“ за автопатите Кичево- Охрид и Миладиновци- Штип.

Остриот тон од антикорупционерите кон властите доаѓа ден по усвојувањето на  законот од страна на пратениците, поради наводен јавен интерес. Тие велат, нема да се откажат од оваа битка иако како што посочи Ивановска, се чувствуват осамени меѓу институциите кои само декларативно се заложуваат за борба против корупција.

Трите автопатски делници: Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола треба да се градат без тендер од стратешкиот партнер, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

 

Фиљана Кока