Европа

Стотина загинати, илјадници исчезнати во поплавите во Германија

16.07.2021 13:19

По невремето во Западна Европа, состојбата драматична. Во Германија стотина загинати, и преку илјада исчезнати. Властите најавуваат и помош за настраданите...

Десетици луѓе загинаа, а многумина се исчезнати во Германија, во најголемите поплави што ја погодија земјата во последните децении. Реките се излеаја од коритата и го поплавија регионот. Властите на Рајнската област соопштија дека меѓу настраданите има и штитеници на дом за лица со инвалидитет. Во западниот дел на Германија има голем број поплавени улици, уништени на куќи и автомобили и откорнати дрвја.

„Во текот на ноќта роднините беа на горниот кат и немаше светло, немаше струја. Немаше телефонска конекција. Се обидувавме да дојдеме до нив, што беше многу тешко“, вели еден локален жител.

„За среќа ја имам сестра ми, но сега ни кажаа дека куќата може да се урне, па моравме да заминеме.“

„Околу 4 часот наутро водата почна да се крева. Успеавме да го извадиме автомобилот и да пренесеме неколку работи горе.“

Германската канцеларка Меркел вети целосна поддршка за жртвите.

„Моите мисли се со луѓето во поплавените области во Северна Рајна-Вестфалија и Рајнската област - Палатина. Би сакала да им изразам сочувство. Добив многу пораки од моите европски колеги, кои се солидаризираат со Германија и нудат помош. Ова е едноставно катастрофа. Шокирана сум од извештаите што ги добивам од поплавените градови. Тажна сум и за сите оние што го загубија животот“, изјави канцеларката Меркел.

Премиерот на погодената Северна Рајна-Вестфалија рече дека поради климатските промени сè почесто ќе се соочуваме со вакви катастрофи и дека затоа е потребно да се забрза донесувањето посебни мерки за заштита од климатските промени.

Жртви има и во Белгија, а погодени се и Лукембург, Холандија, Швајцарија.

Експертите велат дека се очекува климатските промени да ја зголемат појавата на екстремо невреме, но сепак, поврзувањето на секое невреме со глобалното затоплување е комплицирано.

 

Марина Ристова