ВМРО-ДПМНЕ бара консензус за резолуцијата, СДСМ вели- треба да биде според Уставот
ВМРО-ДПМНЕ не го менува текстот на резолуцијата. Во Собранието бара консензус за македонските црвени линии. Текстот на резолуцијата, таков каков што е, прифатлив, но според Уставот, коментираат во СДСМ. Потребно е да се смени името на државата.

Резолуцијата за македонските црвени линии е направена за да нѐ обедини сите, и политичките субјекти и граѓаните, а не да разединува, велат во опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Оттаму посочуваат дека документот не смее да биде предмет на политички пазарења, иако за поддршка се подготвени да разговараат со сите.
Текстот на резолуцијата онаков каков што е, e прифатлив за СДСМ, но според Уставот, велат во владеачката партија, алудирајќи на тоа дека името на државата во преамбулата на документот треба да биде преправено. Никогаш ниту се воделе ниту ќе се водат разговори за идентитетот и јазикот, вели гласноговорникот на партијата Костадинов.
Резолуцијата за црвените линии во разговорите со Бугарија, на дневен ред пред пратениците ќе се најде идната недела. Сепак, како ќе функционира законодавниот дом е повторно под знак прашање откако „Левица“ најави блокада на парламентот поради ставањето европско знаменце на Законот за државјанство, кој пак беше политички договорен со Алијанса и Алтернатива и Владата.
Миле Ристески
