Куманово

Стечајците задоволни од усвоените измени

16.07.2021 15:03

Членовите на здружението на стечајни работници УНИТ од Куманово се задоволни од усвоените измени на Законот за материјално обезбедување на невработените лица, поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата. По измените на ниво на државата ќе бидат опфатени дополнителни 1.100 стечајци. Од ова здружение посочуваат дека иако правото веќе го користат над 13.000 лица, сепак се уште нема да се опфатат сите стечајци.

Над 1.100 стечајци ќе бидат обештетени. Усвоени се измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица, поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.  Од здружението на стечајни работници УНИТ од Куманово задоволни, што бројката на обештетни стечајци ќе се искачи на 14.000. Велат исправена е неправдата која беше нанесена, овие лица не по своја вина останале без работа. Тие ќе добиваат месечен надоместок од над 9.000 денари. На голем дел од нив им недостигале само неколку месеци за да го исполнат условот од 15 години работен однос.

„Ќе се згрижат после 15-17 години да се дојде до парче леб многу значи. Ќе се има за парче леб и лекови, Радоста е голема особено за оние што им недостига на некој пет-шест дена, месец или два, на некој и повеќе осум месеци, еве сега ќе го остварат правото“, вели Лилјана Ѓеоргиевска, претседателка на УНИТ.

Најголем број од лицата кои по овие законски измени ќе бидат обештетени се од Куманово, Велес и Штип. Од здружението дополнуваат дека сепак нема да се опфатат лицата кои имаат работен однос од 10 до 13 години во претпријатија со доминантна државна сопственост. Но велат, ќе се обидеме наредната година да се избориме за уште едно законско решение.

„Да се земат во предвид оние стечајци што зедоа од приватните фирми капитал, како Кожара, ЗИК, сточарство и преработка, а произлегуваат од државниот капитал да им се уважи“, нагласи Ѓеоргиевска.

Оние кои исполнуваат услови ќе треба да поднесат барање за осварување на ова право до Центрите за вработување.

 


Елена Георгиевска