Кривичен суд

Стефанова бара конфискација на имот и казни за обвинетите во „Плацеви на Водно“

16.07.2021 15:36

Во Кривичниот суд почна судскиот процес за случајот „Плацеви на Водно“. На обвинителна клупа седнаа Сашо Мијалков, Орце Камчев и уште тројца обвинети. На поранешниот премиер Никола Груевски, судот донесе одлука да му се суди во отсуство. Во воведен збор, обвинителката Лиле Стефанова рече дека на најбезобразен начин биле искористени државните институции, банки за нелегано купување и прикривање на имот на Водно, чиј што краен сопственик бил поранешниот премиер Никола Груевски. Стефанова побара, сите обвинети да се прогласат за виновни. Со умисла сториле перење пари и прикривање имот...

Обвинетите со умисла незаконски купиле и прикриле имот на Водно, за да ја остварат целта користеле министерства, банки и институции. Ова во својот воведен збор го истакна обвинителката Лиле Стефанова, која побара осудителни казни за Груевски, Мијалков, Камчев и уште тројца нивни соработници, како и конфискација на имотот. Според Обвинението, тие со пари од донации на ВМРО-ДПМНЕ кои завршувале во странски банки,  купиле 11 илјади квадратни метри земјиште, кое потоа со пренамена станало градежно, а постоел и нацрт за изградба на барокна вила, рече обвинителката. Таа рече дека шемата на купување се реализирала преку сметки на офшор компании, а за да се прикрие незаконската зделка, парцелата фиктивно била пренесена на Орка Холдинг.

За одбраната, обвинението е конструкција. Груевски купил и станови во зградата во која живеел, и две парцели во Крушево, истакна обвинителката. Вкупната вредност на имотот е милион и пол евра.

Бизнисменот Камчев на рочиштето го застапуваат шестмина адвокати. На поранешниот премиер Груевски кој е во бегство, ќе му се суди во отсуство. Тој доби адвокат по службена должност.

 

Анита Димитријевска Велковска