Ковид-19

Утре почнува имунизирањето на пријавените деца

18.07.2021 08:51

Според Министерството за здравство, пријавени се околу 1.800 деца. Единствено за нив вакцинирањето е со закажан термин, за возрасните повеќе не е потребно пријавување. Досега вакцина примиле вкупно 453.773 граѓани, а целосно имунизирани со двете дози се 272.129...

Од утре ќе почне вакцинирањето со „Фајзер“ на децата од 12 до 17 години, чии родители/старатели се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk. Според Министерството за здравство, пријавени се околу 1.800 деца. Единствено за нив вакцинирањето е со закажан термин, за возрасните повеќе не е потребно пријавување.

Со теренската вакцинација која почна минатата седмица во населени места и во рурални средини, регионалните вакцинални пунктови – спортските сали во неколку градови, се во функција за ревакцинирање и почнуваат да се затвораат.

Според последните податоци од Министерството за здравство, заклучно со петокот, вакцина примиле вкупно 453.773 граѓани, а целосно имунизирани со двете дози се  272.129.

Барем една доза вакцина примиле 58 отсто од населението над 70 години, 55 отсто од повозрасните од 65 години, 51 отсто од населението над 60 години и 41 отсто од тие што се на возраст над  50 години.

Министерот за здравство Венко Филипче повторно апелираше граѓаните да се вакцинираат што помасовно за да се надмине епидемијата со вирусот, напомнувајќи дека во Европа и светот веќе се воведуваат ограничувања за невакцинираните граѓани, така што за влез во затворен јавен простор, пристап до угостителски, спортски или други услуги се бара задолжително приложување вакцинален сертификат.

Од почетокот на епидемијата во земјава, бројот на ковид- дијагностицирани достигна 155.901. Оздравени се 150.168 пациенти, починати 5.487.