Ковид-19

Имунизацијата во Штип се одвива без застој, модуларните болници на истокот празни

18.07.2021 09:07

Мирна епидемиолошка состојба на истокот. Во модуларните болници во Штип и Кочани пациенти нема, во најголем дел од општините нема ниту активни случаи. Теренската вакцинација се одвива без застој...

На половина од теренската имунизација на жителите од Штипско – карбинскиот регион, интересот е солиден, велат од Здравствен дом Штип. До крајот на идната недела ќе бидат посетени сите населени места од овој регион, а се врши имунизација и во домовите.

Во одделот за имунизација во Здравствениот дом се аплицираат првите дози, а ревакцинација се врши во вакциналниот пункт.

Од понеделник почнува вакцинацијата на деца и млади. Во Штип интерес пријавиле 38 деца на возраст од 16 и 17 години.

Во моментот на истокот има тројца активни случаи, од кои двајца во Штип и еден во Берово. Во модуларната болница во Штип десеттина дена нема пациенти, а модуларната болница во Кочани е без пациенти околу еден месец.

Славица Величковска