Политика

Партиите се растрчаа на терен

18.07.2021 09:18

До локалните избори има уште три месеци, а партиите на терен со неофицијална кампања. Дел од нив излегоа со персоналните решенија на кандидатите за градоначалници. Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања, но единствени во ставот, во преден план потребите на граѓаните...

Се загрева политичката сцена пред локалните избори. Партиите на терен меѓу граѓаните. Не изостануваат и меѓусебните обвинувања кој и колку сработел. Социјалдемократите во нова фаза на интензивни активности, од врата до врата, за како што велат да разговараат со сограѓаните за сработеното но и да ги слушнат нивните потреби. Неделава официјализирани номинациите на 30 кандидати за градоначалници. Меѓу нив и актуелниот на Скопје Петре Шилегов. Вели дека право на секој граѓанин е да избира и да биде избран. Ја поздравува секоја иницијатива за развој на демократијата и на алтернативни политики во врска со независната советничка листа на еко-активистите. Шилегов дециден-не се занимавам со ВМРО-ДПМНЕ и кој ќе биде нивниот кандидат.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега со официјална кандидатура за прв човек на Охрид. Се уште се држи во тајност кој ќе трча во Скопје. Се споменува поранешниот градоначалник Коце Трајановски. Од опозициската партија со критики за кандидатите на СДСМ, бидејќи како што велат, граѓаните се залажуваат со минијатурни полупроекти.

Локалните избори треба да се одржат во втората половина на октомври. Спикерот Џафери најави дека одлуката ќе ја потпише кон крајот на јули или во почетокот на август.

 

Милчо Велески