Почнува имунизацијата против Ковид-19 на деца, досега пријавени околу 1.800

19.07.2021 09:32

Здравствените власти апелираат дека единствен начин на превенција да не се соочиме со нов силен бран и ширење на опасниот делта сој е што помасовна имунизација...

Од денеска во земјава ќе почне вакцинирањето со „Фајзер“ на децата од 12 до 17 години чии родители/старатели се пријавиле на сајтот „вакцинација.мк“. Според последните податоци од Министерството за здравство, пријавени се околу 1.800 деца. Паралелно продолжува и имунизацијата на возрасното население.

Здравствените власти апелираат дека единствен начин на превенција да не се соочиме со нов силен бран и ширење на опасниот делта сој е што помасовна имунизација. Од Министерството за здравство вчера информирaа дека кај нас се детектирани десетина случаи со делта сој и ниту еден од нив не бил вакциниран.

Сегашната епидемиолошка состојба во земјата е стабилна, болниците се празни, а само четворица пациенти се на кислородна поддршка. Иако здравствениот систем е подготвен во случај на влошување на ситуацијата, од Министерството се надеваат и посакуваат до тоа да не дојде. Затоа, повикуваат на што помасовна имунизација.