Времето поволно за жетва на пченицата
По кратката пауза со разладување, неделава повторно се прогнозираат високи температури. Време поволно за жетвата на пченицата која е во полн ек. Сепак, сушата ја исцеди водата од почвата и е потребно наводнување особено кај овошките и виновата лоза...

Топлото и суво време, создаде оптимални услови за жетва на пченицата која е во полн ек. Сепак, тропските температурите кои продолжија и минатата недела, предизвикаа драматично намалување на влагата во почвата, со што потребата од наводнување останува приоритет и во наредниот период.
Згора на сѐ, долготрајната суша предизвикува и проблеми кај овошките и виновата лоза, кај кои, користењето на водата од подлабоките слоеви се зголемува се повеќе, а нејзините резерви стануваат се помали.
Нестабилното време од локален карактер во текот на изминатиот викенд, донесе врнежи кои се добредојдени во една ваква ситуација, па макар биле и на ограничени подрачја. Добра страна на овие дождови е што со мали исклучоци беа проследени само со ветер, и без град кој во овие фази на развој на вегетацијата може да предизвика големи штети.
Според Управата за хидрометеоролошки работи после заминувањето на тропските горешини, во првата половина од неделава се очекува донекаде да имаме слично но поумерено време, со дневни дневни температури во благ пад кои не треба да го надминат 36 –тиот или 37-миот степен, што би било добро за културите, а особено за жетвата на пченицата.
Методија Трајков
