Бројот на жртвите од поплавите во Германија расте, причинета штета од неколку милијарди евра
Бројот на жртвите од историските поплави во Германија и натаму расте. Според последните информации најмалку 46 загинаа во покраината Северна Рајна-Вестфалија, додека 112 во покраината Рајнланд-Пфалц. Најпогодените региони ги посети канцеларката Меркел и нејзиниот сопратиец Лашет.

Досега во Германија загинаа 157 лица во поплавите предизвикани од невремето кое ја зафати земјата, но се стравува дека бројот ќе биде уште поголем. Државата се соочува со најголема природна катастрофа во последните 60 години.
Во околината на Келн, во западниот дел на Германија, надојдената вода однесе над стотина животи. Полицијата очекува да пронајде уште жртви штом ќе се повлече водата. Војската ги ангажирала сите свои ресурси за расчистување на теренот.
Сојузната и покраинските влади ја проценуваат штетата на неколку милијарди евра, а веќе е одредена итна помош од 300 милиони евра за санирање на штетите во покраините Рајна-Фалц, Северна Рајна Вестфалија и Баварија.
Ова е ужасно. Германскиот јазик нема зборови со кои може да го опише ова уништување. Но, охрабрувачки е како луѓето се држат заедно, како си помагаат едни на други. Ние сме со вас. Обновувањето ќе биде долго, но ние ќе сториме се за оваа убава област да биде иста како порано, изјави канцеларката Ангела Меркел.
Критично е и во австриските покраини кои граничат со Германија: Салцбург и Тирол. Поројни дождови го погодија и југот на Италија, каде улици се претворија во реки. Во холандската провинција Лимбург бил пробиен насип. Армијата е ангажирана и во Белгија за спасување и евакуација во четири провинции.
