Инфраструктура

Бочварски: Имаме план „Б“ доколку биде оспорен Законот за изградба на автопатишта

19.07.2021 11:32

По жестоките критики од Антикорупциската комисија и најавата дека решението ќе заврши пред Уставен, Бочварски рече дека имаат план „Б“ ако законот не помине низ филтерот на судот...

Законот за изградба на автопатишта изгласан од Собранието и потпишан од претседателот Пендаровски е на сила и ќе  постапуваме по него, вели министерот за транспорт и врски.  По жестоките критики од Антикорупциската комисија и најавата дека решението ќе заврши пред Уставен, Бочварски рече дека имаат план „Б“ ако законот не помине низ филтерот на судот.

„Како Влада секако дека имаме  разработено варијанти во однос на отпочнување и из градба на коридорите 8 и 10 Д, зошто нашиот приоритет, клучна или конечна цел е да имаме модерни и безбедни патишта. По кој принцип и на кој начин ќе се изградат е работа на Парламентот, Владата и сите останати институции, како и на Јавното претпријатие за државни патишта, кое е задолжено за изградба и реконструкција на патиштата во државата и има најголеми капацитети и ресурси во овој дел“, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Законот, донесен по скратена постапка од Собранието преставува кршење на Уставот и отворање пат за коруптивни дејствија, оцени Антикорупциска комисија, од каде посочија дека  зделката носи висок ризик и од судир на интереси, ги загрозува владеењето на правото и еднаквата положба на пазарот.

Пратениците минатата недела го изгласаа законот со кој се предвидува американско-турскиот конзорциум „Бектел- Енка“ да ги гради автопатиштата Битола-Прилеп, Тетово-Гостивар, Гостивар-Тетово-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан. За Антикорупциска е нејасно по кој критериум е избран стратешкиот партнер.

Ирина Гелевска