Почна вакцинацијата со „Фајзер“ на деца над 12 години
Почна вакцинирањето со „Фајзер“ на околу 1.800 пријавени деца над 12 години. Досега две дози вакцини примиле над 272 илјади граѓани...

Одлуката ја донесовме заедно, сакавме да го искористиме овој период со стабилна епидемиолшка состојба пред извесниот нов есенки бран за да се вакцинираме и да се заштиме – рекоа родители и деца кои пристигнаа во Здравствениот дом „Јане Сандански“ во Скопје за да ја примат првата доза „Фајзер“.
„Гледаме дека бројките во регионот растат, се очекува од на есен истото и кај нас, и сега е време да се вакцинираат, да се создадат навреме антитела“, вели еден родител.
„17 години имам, заедно со родителите одлучивме дека треба да се вакцинирам“.
„Фамилијарно сите дојдовме да се вакцинираме, сметаме дека е потребно после се она што се случува“.
„Синот наполни 17 години пред три месеци. Ние му сугериравме, тој прифати. Мислам дека е потребно да се вакцинираат таа возраст, бидејќи навечер излегуваат, по дискотеки, се мешаат со други деца“- вели друг родител.
Во земјава на повеќе пунктови почна вакцинацијата на деца на возраст од 12 до 17 години, чиишто родители или старатели ги пријавиле преку интернет страницата „Вакцинација.мк“. За разлика од пред неколку дена, кога почна имунизацијата без закажан термиn, овојпат немаше метеж. Раководителот на Поликлиниката „Јане Сандански“, доктор Радевски вели дека има голема заинтересираност за вакцинирање на малолетниците.
Паралелно со вакцинацијата на деца, продолжува имунизацијата на останатото население, како и теренската вакцинација за да се постигне што е можно поголем опфат, како единствен начин за справување со пандемијата. Токму децата изминатиов период се посочувани како поризична група, бидејќи одат по кафулињата, интензивно се дружат и остваруваат контакти.
На вакциналните пунктови низ целата држава, пријавени се досега 1.800 деца.
Марина Стојанова Тонева
