Европа

Германија: Поплавите предизвикаа штета од неколку милијарди евра

19.07.2021 13:04

Расте црниот биланс на жртви во поплавите во Германија. Стотици се водат за исчезнати. Земјата се соочува со најголемата природна катастрофа во последните 60 години...

Расте црниот биланс на жртви во поплавите во Германија. Стотици се водат за исчезнати. Земјата се соочува со најголемата природна катастрофа во последните 60 години. Повеќе од 100 загинати има во околината на Келн, на запад во земјата. Полицијата очекува дека ќе пронајде уште жртви откако ќе се повлече водата. Ангажирани се сите расположливи ресурси на војската.

Сојузната и покраинските власти ја проценуваат материјалната штета на неколку милијарди евра. Одредена е итна помош во износ од 300 милиони евра за санирање на штетите во Северна Рајна-Вестфалија и Баварија.

Сончевото време го овозможи почетокот на обновата на регионот покрај границата со Белгија, Холандија и Луксембург.

„Потрагата е особено комплицирана поради колабирањето на некои покриви и згради. Има многу ѓубре иостатоци. Мора да бидеме внимателни на секој чекор со цел да се избегне каков било нов колапс каде што би можеле да бидеме заробени . И самите може да станеме жртви“- велат од тимот за спасување.

„Ја загубив мајка ми, сестра ми едвај преживеа. Таа е во многу лоша состојба. Претпоставувам дека другите се уште живи. Но, куќите ги нема.“

„Се наоѓаме на добра височина, а водата дојде речиси до таванот“, вели жител на Холандија.

Нивоата на реките во погодените области полека се повлекуваат, но и натаму се високи на реката Рајна, Дунав и Елба. Околу 700 луѓе јавиле дека се безбедни или евакуирани од поплавените области.

Израелскиот премиер, Нафтали Бенет изрази сочувство и поддршка за погодените во Германија и Белгија.

„На нашите пријатели во Германија и Белгија, кои преживуваат неподнослива, природна катастрофа, во име на владата на Израел и граѓаните на Израел, би сакал да им изразам сочувство за загубата на животите и големите штети“, ијзави израелскиот премиер, Нафтали Бенет.

Критично е и во австриските покраини кои се граничат со Германија, Салцбург и Тирол.

Обилни дождови го погодија и југот на Италија каде што водата ги претвори улиците во реки. Во холандската провинција Лимбург е пробиена брана.

 

Марина Ристова