Политика

ВМРО-ДПМНЕ му ја врати интерпелацијата на Џафери без корекции

19.07.2021 14:55

Доставиле и одговор во кој укажуваат дека забелешките на претседателот на Собранието се однесуваат на предлог- законот, а не важат за интерпелација.

ВМРО-ДПМНЕ му ја врати интерпелацијата на спикерот Џафери без корекции. Доставиле и одговор во кој укажуваат дека забелешките на претседателот на Собранието се однесуваат на предлог- законот, а не важат за интерпелација.

„Укажуваме дека интерпелацијата и нејзината форма се единствени и дека врз нив не се применуваат одредбите кои што се однесуваат на предлог на закони како што е наведено во самото барање односно не се повикуваат на членот 136 од Деловникот“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

За парламентарното мнозинство интерпелацијата за работа на Џафери е неприфатлива. Нема поддршка ниту од опозицијата од албанскиот блок. За резолуцијата пак, која се очекува да биде на дневен ред на новата пленарка на 22-ри јули, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека најважно било да се фокусираат на содржината. Според нив, доколку се разговара за формата никогаш немало да дојдат до заеднички прифатен документ. За СДСМ документот е прифатлив, но само според Уставот. Македонскиот Устав не може да се почитува селективно, одговорија од СДСМ.

„Македонските државни позиции се силни и јасни, но ќе бидат уште посилни ако ВМРО-ДПМНЕ го прифати Договорот од Преспа како реалност, кој овозможи Северна Македонија да стане полноправна членка на НАТО со меѓународно потврдени македонски јазик и македонски идентитет“, стои во реакцијата на Социјалдемократите.

Кај интегративците начелна поддршка за резолуцијата, но како што велат таа не смее да им наштети на преговарачките позиции и евроинтеграциите. Од коалоицијата Алијанса за Албанците- Алтернатива, конечен став најавија на самата седница.

 

Натапа Гркова- Петрушевска