Објавен конкурсот за ангажирање реонски попишувачи и инструктори

20.07.2021 10:14

Државниот завод за статистика, како што стои на нивната веб страница, ги повикува сите заинтересирани, како и сите оние кои се пријавиле на првиот повик во март годинава, да ја пополнат апликацијата и да станат дел од големиот пописен тим кој во септември ќе го спроведе долгоочекуваниот Попис...

Државниот завод за статистика го објави конкурсот за пријавување кандидати за реонски попишувачи и инструктори кои ќе учествуваат во спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година од 5 до 30 септември годинава.  Конкурсот, објавен во четири дневни весници, е достапен на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk каде што од 8:00 часот утрово е активна и апликацијата за електронско пријавување.

Конкурсот ќе трае до 5 август по што ќе следи тестирање, избор и обука на избраните кандидати.

Државниот завод за статистика, како што стои на нивната веб страница, ги повикува сите заинтересирани, како и сите оние кои се пријавиле на првиот повик во март годинава, да ја пополнат апликацијата и да станат дел од големиот пописен тим кој во септември ќе го спроведе долгоочекуваниот Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија.

Придонесот на секој еден од нас во пописните активности претставува придобивка за сите. И како директни учесници во спроведувањето на Пописот и како даватели на податоци – придонесуваме за креирање на една прецизна слика на состојбите во државата во точно определен момент. Оваа прецизна слика ќе овозможи донесување на издржани политики, базирани на најнови податоци, со кои ќе се планира развојот на секое поле од живеењето и работењето, стои на веб страницата на ДЗС.

Инаку, при изборот на кандидатите кои се пријавиле за реонски инструктори, како што стои во конкурсот, ќе се има предвид етничката структура на населението во соодветниот пописен реон.