Туризам

Холандските туристи се вратија во Охрид

20.07.2021 11:06

По полските од денеска на охридското крајбрежје се присутни и холандските туристи. Вчера на Охридскиот аеродром пристигна првата група холандски гости, а според најавите неделно од оваа земја за Охрид ќе има два редовни сезонски летови до крајот на септември. Тоа ќе придонесе за зголемување на странските туристи ова лето чиј број лани беше минимален...

По една година пауза поради пандемијата попладнево со редовен сезонски лет на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ преку тур-операторот „ТУИ“ допатуваа 176 туристи од Холандија. Во текот на летната сезона со два лета неделно, во понеделник и петок до крајот на септември се очекува да се реализираат 20 летови со кои на охридското крајбрежје ќе допатуваат вкупно 3.520 Холанѓани.

„Пред 3 години видов прекрасни фотографии на интернет од Охрид и езерото, но потоа дојде короната и ме спречи да дојдам. Меѓутоа оваа година си дадов ветување дека мора да дојдам во Северна Македонија. Видов многу убава природа па сакам да ги запознаам и луѓето“.

„Мојот сопруг истражуваше на интернет па одлучивме да дојдеме“.

„Овде не сме биле никогаш претходно, тоа беше одлучувачко да допатуваме“- велат туристите што ги анкетиравме.

Доаѓањето на организираните групи од Холандија, а претходно и од Полска ќе придонесат за подобрување на имиџот на нашата земја како безбедна дестинација за патување.

„Правиме големи напори се со цел да им олесниме на странските туристи за да можат да дојдат во нашата држава. Освен со олеснувања на мерките, секако дека ги исполнивме и сите обврски што ги имаме и на европско и на глобално ниво како што беше обезбедување на безбедносен печат за сите хотелски капацитети за да ја ставиме нашата држава во безбедната зона за странските туристи да можат да ја посетат“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Се очекува годинава бројот на странците и ноќевањата кои ќе ги остварат да бидат поголеми од лани.

„Според нашите предвидувања отприлика ќе дојдеме на ниво на туризмот од 1017 година. Тоа значи дека ние продолжуваме понатака со субвенционирање на странските туристи, висината на субвенционирањето останува и за 2021 година“, изјави Љупчо Јаневски- директор на Агенција за промоција и подршка на туризмот.

„Ние правиме значаен исчекор во споредба со претходната година кога немавме ниту еден чартер лет со холандски туристи. Со тоа докажавме дека борбата против пандемијата, заложбите, спроведувањето на мерките, а и процесот на вакцинација беше на одлично ниво“, рече охридскиот градоначалник Константин Георгиевски.

Агенцијата и министерството за економија веќе работат на подобрувањето на моделот на субвенционирање бидеќи се менуваат одредени правила и целни групи по појавата на пандемијата. Така за годинава се преземени мерки со цел да имаме повеќе активни форми на туризам и нови атракции што ќе придонесе за привлекување на поголем број странски туристи.

 

Сашо Нелоски