Се намалуваат листите на чекање во Клиничка болница- Штип
За разлика од минатата година кога во овој период имаше по дваесеттина хоспитализирани од Ковид-19 во болницата во Штип, сега со денови нема хоспитализирани случаи од источниот регион. Но, болницата се подготвува за евентуален нов бран на есен, а со зголемен обем на интервенции полека се намалуваат листите на чекање за останатите пациенти...

После едногодишното редуцирање на медицинските зафати заради пандемијата, полека се нормализира работата во Клиничка болница- Штип. Се намалуваат листите на чекање и зголемен е бројот на интервенции на дневна основа.
Сѐ уште е рано да се направи пресек кои заболувања се поизразени периодов, а кои може да се последица на прележан ковид, велат од Клиничка болница Штип, но она што е евидентно е порастот на карциномите во регионот кој се зголемува за околу десет насто секоја година. За прецизна дијагностика на овие, но и за други заболувања, набавен е нов апарат за патолошка анализа на материјалите на Одделот за патологија.
Во Клиничка болница- Штип нема болни од Ковид -19, но подготовките за евентуален нов бран се во тек. Инфективното одделение се обновува, ќе има централен довод на кислород и заедно со модуларната болница ќе има услови за лекување на 120 пациенти на кислородна поддршка.
Славица Величковска
