Политика

31-ви октомври, можен датум за локалните избори

20.07.2021 14:58

31-ви октомври како можен датум за локалните избори – предлогот го посочи премиерот Заев со став дека нема да има преклопување со кампањата. ВМРО-ДПМНЕ бара да не се крши Уставот. За партијата е спорно што Заев излегол со датум без претходни консултации...

31-ви октомври е денот кога би се одржале локалните избори, мнозинството партии дава начелна согласност – изјави премиерот Заев. Тoj посочи дека со законско решение треба да се направи кусо продолжување на обврските на старите градоначалници. „Ова треба да се направи за да не се совпаднат пописот и изборната кампања“, образложи премиерот Заев.

Да прекине праксата на кршење на Уставот кој јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен за одржување на изборите, реагира ВМРО-ДПМНЕ. Според опозиционерите, ако аргументот на Заев е одржувањето на пописот, истиот може да се одложи за ноември и да се испочитува Уставот.

Иако поголемите партии дадоа согласност и има договор за отворени листи за советници на претстојните локални избори, сепак ова не е официјализирано со законски измени во Изборниот законик. Премиерот Заев вели дека треба да се слушне мислењето на помалите партии кои ја покренаа иницијативата за отворените листи.

Партиите веќе ги составуваат кандидатските листи, но и размислуваат за меѓусебно коалицирање. Додека СДСМ објави дел од кандидатите за градоначалници, опозициската ВМРО – ДПМНЕ тоа ќе го стори подоцна во текот на летот.

Миле Ристески