Ковид-19

Вакцинацијата единствен излез од пандемијата

21.07.2021 09:29

Регистрирани нови случаи од делта мутацијата во земјава. Тројца заразени се од Tетово, по еден од Скопје и од Куманово. Вакцинацијата е единствениот начин за враќање на животот во нормала, вели министерот Филипче. Најави можни рестрикции од септември доколку се соочиме со нов бран...

Пет нови случаи на заразени со делта мутацијата во земјава. Три во Тетово по еден во Куманово и во Скопје. Имунизацијата е единстевениот начин за справување со коронавирусот и враќање на животот во нормала - апел од здравствените власти. Минисерот Филипче најави дополнителни ограничувања од септември доколку има нов бран.

За сите соеви, за сите мутации на вирус, вакцината е единствениот спас и мора граѓаните да се свесни дека тоа е начинот на кој ние можеме да ставиме крај, порача вчера министерот Филипче.

Вакцинацијата не е задолжителна, но во исто време размислуваме да воведеме некакви ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран. Сепак, не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Мора светот да функцинира, да биде отворен, затоа е и всушност вакцината измислена, за да се врати животот во нормала, рече министерот.

Масовната вакцинација на населението продолжува. Досега се аплицирани околу 730 илјади вакцини, ревакцинирани се над 270 илјади граѓани. Досега се вакцинирани 85 проценти од здравствените работници и околу 50 насто од вработените во градинките и училиштата.

На целата територија барем една доза примиле 27,5 проценти од граѓаните. Најмногу вакцинирани има во Кавадарци, Охрид и во Гевгелија со околу 40 проценти вакцинирани, а најмалку во Кичево, Тетово и во Дебар со околу 15 проценти. Од понеделникот во земјава почна вакцинацијата и на младите од 12 до 17 години, пријавени се околу 1.800 малолетници, а во повеќе населени места и рурални средини тече и теренската вакцинација на населението.

Последната ковид статистика покажува дека се регистрирани  нови 21 случаи на Ковид-19 од направени 3.219 тестирања, информира Министерството за здравство. Пријавено е едно починато лице од Скопје во болнички услови. Оздравеле 14 пациенти. Бројот на активни случаи изнесува 226. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.951, оздравеле 150.237. Починале 5.488 лица.