Граѓаните најмногу пријавувале дискриминација на работното место
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација досега постапувала по стотина претставки, најголемиот дел преземени од поранешната комисија. Повеќето се однесуваат за дискриминација во делот на работните односи...

Со два стари компјутери, неколку столчиња и еден печатач, без доволно мебел и канцелариска опрема – вака Комисијата за спречување и заштита од дискриминација фунционира околу половина година. И покрај лошите услови за работа и минимални ресурси, членовите се обидуваат да ја исполнат својата задача, иако сѐ уште не се ниту кадровски комплетирани.
Комисијата го претстави извештајот за сработеното. Досега постапувала по стотина претставки, најголемиот дел преземени од поранешната комисија. Повеќето се однесуваат за дискриминација во делот на работните односи. Честопати, проблем е што во најголем дел од претставките, подносителите не ја наведувале основата за дискриминација.
Дел од поднесените претставки до комисијата се офрлени поради ненадлежност, други поради неуредност, но членовите на комисијата уверуваат дека преку теренска работа и потесни контакти со невладините ќе успеат да ги заштитат граѓаните, особено оние кои спаѓаат во ранливите категории и коишто се и најподложни на дискриминација.
Александра Спировска
