Македонија

Мажи од Струмица уценувани со експлицитни видеа и фотографии

21.07.2021 15:26

Мажи од Струмица биле уценувани со експлицитни видеа и фотографии кои ги праќале на лажни профили на социјалната мрежа Фејсбук. Измамниците им барале пари. До полицијата веќе стигнале пријави...

Мажи од Струмица измамени од непознати сторители со лажни профили на социјалната мрежа Фејсбук.

Отсекот за компјутерски криминал во последниот период евидентира пријави на кривични дела „Уцена“ или „Злоупотреба на лични податоци“ сторени преку креирање на лажни профили на социјалната мрежа Фејсбук, лажно претставувајќи се како девојки од Р.С. Македонија на возраст од 25 до 30 години.

Измамниците преку лажни профили, во разговор со струмичаните барале да воспостават видео комуникација, а потоа без нивно знаење и согласност изготвувале фото и видео материјал со експлицитна содржина од комуникацијата со оштетениот, кој во понатамошна постапка им служел за уцена.

Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе достави барање до социјалната мрежа да ги утврди ИП адресите од кои се регистрирани лажните профили, а побарана е и меѓународна правна помош.

Од СВР Струмица апелираат до граѓаните да не наседнуваат на уцени од ваков тип и да не споделуваат нивни фотографии или видео содржини со трети лица, со цел спречување на понатамошна злоупотреба на истите.

 

Стојне Митева