Утре резолуцијата на собраниска седница
„Важно е да постои консензус во Собранието и процена за влијанието на документот на преговарачките позиции“-министерот Османи за резолуцијата. ВМРО-ДПМНЕ со став, ако нема поддршка за документот ќе има нови отстапки…

Доколку во резолуцијата стои уставното име на државата, ДУИ ќе гласа за нејзино усвојување-изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според него, најважно е да постои консензус во Собранието по ова прашање, но во исто време да се процени колку резолуцијата ќе биде од корист или на штета на преговарачките позиции.
Според него, непостигнување на консенсуз ќе го ослабне процесот на интеграција во ЕУ, кој е стратешка цел на оваа Влада. Во периодов, во тек е формирањето на новата влада во Бугарија, која ќе овозможи формални преговори за изнаоѓање на решение.
Понудените решенија во документот кој го наследи словенечкото претседателство се патоказ кој, како што вели министерот Османи, се основни елементи на кои го градиме оптимизмот за одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава.
За најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ставот на премиерот Заев и Социјалдемократскиот сојуз е показател за нивниот деструктивен карактер за Македонија и македонските интереси.
Доколку СДСМ навистина се согласува со текстот на резолуцијата, тогаш нивните пратеници треба веднаш да ја поддржат истата, во спротивно се остава впечаток дека Заев бега и не сака да ја гласа резолуцијата затоа што во заднина преговара и планира нови отстапки-се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека премиерот оди спротивно на изградените позиции кои се прифатени од општата експертска јавност и општествено-политичките чинители во државата.
Марина Стојанова-Тонева
