Собранието ќе расправа за резолуцијата за црвените линии
Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е на дневниот ред на 47-та седница на Собранието, која треба да се одржи денеска...

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е на дневниот ред на 47-та седница на Собранието, која треба да се одржи денеска.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа од скопски Карпош побара резолуцијата да биде прифатена од сите политички партии „без условувања и барање на изговори“. Мицкоски вели дека прифаќањето на резолуцијата од сите политички партии ќе значи единство кое ни е потребно за почеток на преговорите со Европската Унија, но, пред сѐ ќе се зацврстат државните позиции на Македонија.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера изјави дека ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, доколку се користи уставното име на државата. Според него, резолуција во која нема уставно име, нема правна форма.
Тој апелираше на внимателност таа политика да не добие етничка и партиска димензија, бидејќи, како што рече, може само да ја ослабе нашата позиција.
Премиерот Зоран Заев, пак, ден претходно, изјави дека нема да гласаат за резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ за разговорите со Бугарија, доколку остане со името како што е сега поднесена. Притоа, информираше дека разговарале со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да се изнајде решение, при што било заклучено дека процесот треба да продолжи, но, притоа мора на дневен ред да продолжи дискусијата согласно Уставот и Законот.
На дневниот ред од денешната седница се повеќе предлог-закони, како и барања за давање на автентично толкување на членови од повеќе закони.
