Политика

Заев: Немаме ништо против локалните избори да се одржат и на 17-ти октомври

22.07.2021 14:48

И опозицијата треба да биде задоволна од одредениот датум за локалните избори, вели премиерот Заев со став дека власта се согласува со било кој термин за нивно одржување, иако вели, не е непознато со закон да се продолжи мандатот на актуелните градоначалници.

Премиерот Заев вели дека е подготвен локалните избори да се одржат на 17-ти октомври, ако на тоа се согласат и останатите партии. Сепак, првиот социјалдемократ остана на ставот дека и доколку гласањето се одржи на 24-ти или на 31-ви октомври, нема да се прекршат законот и уставот, како што тврди опозицијата, бидејќи тоа се правело и во минатото. Нашата цел е да не се поклопат кампањата и пописот за да се заштити здравјето на граѓаните, образложи Заев.

ВМРО-ДПМНЕ повика да се почитуваат законскиот и уставен рок и на 17-ти октомври да се оди на гласање, а спикерот Џафери согласно уставот да ги распише изборите.

Со ист став се и останатите опозициски партии. За ДУИ е прифатлив кој било датум. Ахмети и Заев веќе разговараат за заеднички настап. Дилема останува дали навреме ќе се стигне со процесот за набавка на опремата за гласање со отпечаток од прст.

Заев смета дека има доволно време ако се потврди германската фирма како победник на тендерот, во спротивно, тој се надева дека ДИК брзо ќе постапи за да се испочуваат роковите.

 

Наташа Гркова- Петрушевска